Битка со дронови, погодени Санкт Петербург и Одеса
Во периодот меѓу артилериските стрелби, и Украина и Русија ги користат беспилотните експлозивни летала. Украинско експлодираше, веројатно првпат во станбен комплекс во Санкт Петербург, во Русија. Вториот, руски дрон ја погоди Одеса. Во урнатините има најмалку три жртви. Италија најави дека во јуни ќе организира конференција на седумте најразвиени за поддршка на Украина и на постојниот светски поредок…

Изутрина, еден од најубавите градови на планетата, Санкт Петербург се разбуди во експлозија предизвикана од беспилотно летало. Не е познато од каде долетал дронот, растојанието од Киев или од најблиската граница со Русија е над илјада километри. Има повредени, велат станарите во погодената населба.
„Се слушна звук како на трактор, никој не очекуваше да се случи ова. Скокнавме од креветите кога се случи тресокот и побегнавме во пижами надвор. Дронот удри на вториот кат.“
„Една жена е повредена или загина, живееше под балконот каде што удри дронот. Ја однесоа со амбулантното возило. Сите не евакуираа во градинкава“, велат жители на Санкт Петербург.
Русија возврати со серија напади со дронови на црноморското пристаниште Одеса. Во разурнатата повеќекатница загинаа најмалку тројца. Има и исчезнати по кои трагаат спасувачките служби.
Во Анталија, Турција, шефовите на дипломатиите на 150 држави дискутираат за најкритичните светски теми, меѓу кои и Украина. Рускиот министер за надворешни ги предупреди Германците поради можното снабдување со ракети со долг дострел.
„Германските генерали зборуваат за проектилот „Таурус“ за да го нападнат кримскиот мост и складиштата со муниција. Разговарале за можноста од далечина, надвор од Украина да ги управуваат ракетите. Еден од генералите сепак предупредил дека е тоа германско директно мешање во војната. На средбата имало и цивили, американски претставници“, изјави шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
Иако нема најави за мировни преговори, евроатлантската соработка за поддршка на Украина се засилува. По Шолц, во Белата куќа и италијанската премиерка Мелони.
„Како актуелен претседавач со групата седум најразвиени во јуни ќе организираме самит во Пуља, на кој ќе има и суштински одлуки. На самитот ќе го реафирмираме светскиот поредок заснован на меѓународното право, со одбрана и изградба на мир во Украина“, нагласи Џорџа Мелони, премиерка на Италија.
Во почетокот од третата година од војната, Европската унија со безбедносни договори застанува зад Украина. По Франција и Германија, и Холандија понуди две милијарди евра воена помош.
Зоран Богатинов
