Евроинтеграции

Европскиот парламент се заложи за оддалечување од едногласното одлучување во процесот на проширување

02.03.2024 16:21

Европскиот парламент на последната сесија во Стразбур го усвои извештајот во кој се залага за поширока примена на гласањето со квалификувано мнозинство во процесот на проширување на Европската унија. На ЕУ ѝ треба долгорочна политичка визија и институционални и финансиски реформи за да се обезбеди нејзиниот капацитет да апсорбира нови членки, велат европратениците…

Извештајот за продлабочување на интеграцијата во ЕУ во однос на идното проширување беше усвоен со 305 гласа за, 157 против и 71 воздржан и во него се наведува дека „Европските институционални реформи треба да ја зголемат способноста на ЕУ за дејствување и да вклучат поедноставени и поефикасни процедури за донесување одлуки, притоа оддалечувајќи се од едногласното одлучување и дека процесите за подготовка за проширувањето треба да се одвиваат паралелно и во ЕУ и во земјите-членки.

„Препорачуваме заеднички пристап со кој проширувањето и реформите на ЕУ и институционалните и донесувањето одлуки мора да одат рака под рака и да ја зајакнат ЕУ и да го исполнат ветувањето дадено на земјите кандидати“, смета коизвестувачот Петрас Ауштревичиус.

Земјите кои постигнуваат значителен напредок во реформите поврзани со ЕУ треба да бидат способни постепено да се интегрираат во заедничките политики на ЕУ, како што е единствениот пазар.

„Ако сакаме да бидеме сериозни во врска со проширувањето, мораме да признаеме дека се потребни европски реформи и дека креативните решенија, бидејќи диференцираната интеграција мора да биде дел на институционалната архитектура на ЕУ“, додава коизвестувачот Педро Силва Переира.

Европратениците во извештајот посочуваат дека гласањето со квалификувано мнозинство треба да се спроведе во области како што се заштитата на демократијата, човековите права и владеењето на правото, санкциите и другите релевантни надворешнополитички одлуки, како што е почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ. Исто така, се додава дека е важно земјите кандидати да се усогласат со заедничката надворешна политика на ЕУ.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ