Свет

На повидок шпионска афера на германски генерали

02.03.2024 17:40

Протекувањето на класификуваните информации од состаноците на првите луѓе на германската воздушна одбрана за новиот пристап за војната во Украина можат да предизвикаат непоправлива штета на надворешната политика на Берлин. Следува сериозна истрага, најави канцеларот Шолц, по изјавата на рускиот шеф на дипломатијата Лавров во Анталија за можно користење на проектилите „Таурус“ со долг дострел. На теренот, Одеса нападната со дронови, беспилотно летало експлодираше и во Санкт Петербург.

Кога консултациите на германските генерали за вклучување на ракетите со долг дострел како поддршка на украинската одбрана стануваат достапни за јавноста, тогаш шпионската афера е на повидок. Предупредувањето пристигна лично од Лавров, кој беше прецизен за можното прислушување.

„Германските генерали зборуваат за проектилот „Таурус“ за да ги нападнат кримскиот мост и складиштата со муниција. Разговарале за можноста од далечина, надвор од Украина да ги управуваат ракетите. Еден од генералите сепак предупредил дека е тоа германско директно мешање во војната. На средбата имало и цивили, американски претставници“, нагласи шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Канцеларот Шолц којшто во Ватикан се сретна со Папата, потврди дека е во тек итна и интензивна истрага за објавата на информацијата којашто може да и нанесе непоправлива штета на германската надворешна политика.

„Она што беше известено е многу сериозно. Затоа сега се истражува многу внимателно, многу интензивно и многу брзо. Сега тоа е најпотребно“, изјави Олаф Шолц – канцелар на Сојузна Република Германија.

Во почетокот од третата година од војната, Европската унија со безбедносни договори застанува зад Украина. По Франција и Германија, и Холандија понуди две милијарди евра воена помош.

„Холандија е трета земја надвор од групата седум најразвиени што потпиша безбедносен договор во наредните десет години. Се однесува на воената помош. Холандската поддршка е во противвоздушната одбрана и за морнарицата во која сме многу добри. Но, мораме да набавиме што можно побрзо повеќе муниција“, изјави Марк Руте- премиер на Холандија во заминување.

Италијанската премиерка Мелони, по средбата со Бајден во Вашингтон обелодени дека во јуни, во Пуља, Рим ќе организира средба на Г-7. Целта е заштита на светскиот поредок заснован врз почитувањето на меѓународното право.

Двете завојувани држави, преку руската и украинската војска си разменија смртоносни дронови. Неколку беспилотни летала урнаа повеќекатница во Одеса, во Санкт Петербург беше погодена станбена област.

Зоран Богатинов