Свет

Продолжуваат преговорите за прекин на огнот во Газа

03.03.2024 11:46

Денеска во Каиро продолжуваат преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа. Предлогот предвидува шестнеделна пауза во борбите за размена на палестински затвореници и израелски заложници. Непосредно пред преговорите илјадници Израелци четиридневниот марш го завршија пред резиденцијата на Нетанјаху. Од властите побараа да направат повеќе за ослободување на киднапираните…

Светла точка за окончување на кризата во Блискиот Исток. Очите на светската јавност вперени кон Каиро, каде што денеска продолжуваат преговорите за прекин на борбите меѓу Израел и Хамас, со посредство на Катар и Египет.

Договорот предвидува шестнеделна пауза на конфликтот за размена на палестински затвореници и израелски заложници. Пред почетокот на разговорите од милитантната група изразија оптимизам дека е можен почеток на примирјето во наредните два дена доколку Тел Авив ги прифати нивните специфични услови. Израел, пак, побара список на преживеаните заложници кои беа киднапирани од Хамас на 7-ми октомври.

Одговори за судбината на заложниците побараа и илјадници Израелци кои по четиридневниот марш пристигнаа во Ерусалим непосредно пред почетокот на мировните преговори. Демонстрираа пред резиденцијата на премиерот Нетанјаху, со барање да направи повеќе за ослободување на киднапираните. На протестот неколкумина демонстранти беа приведени.

„Се обраќам кон вас, претседателе Бајден, да продолжите да ги притискате сите страни и да не попуштите додека не се потпише договор за враќање на нашите најблиски дома“, рече Даниел Лифшиц, внук на заложник.

„Мојот сон е да го видам Елија како наскоро се враќа дома, со сите киднапирани. И тие да видат дека нивното страдање низ кое минуваат таму, не било залудно. Благодарение на нив, Израел е обединет и така ќе остане засекогаш“, изјави Сигалит Коен, мајка на заложник.

„Изгубивме четворица членови на семејството, семејството Шараби, моето семејство, вашето семејство. Немаме намера – слушајте внимателно, водачи на Израел – немаме намера да донесеме петти ковчег овде“, рече Шарон Шараби, брат на починати заложници.

Во пресрет на разговорите за примирјето, не престануваат жестоките борби во Појасот Газа. Има ранети и загинати во израелските напади врз Рафах. Загинаа и израелски војници.

Стравувањата од ескалација на состојбата на Блискиот Исток дополнително се подгреваат со нападите на јеменската милитантна група Хути врз бродови во Црвено Море. Последниот напад беше фатален за британски брод кој потона, оставајќи зад себе опасно ѓубриво што претставува ризик за живиот свет во морето.

Маја Стојанова