Политичка бура во Германија по аферата „Таурус“
Коалициските партнери на канцеларот Шолц и опозицијата реагираа на аферата за употреба на ракетите со долг дострел „Таурус“ во Украина за која разговарале високи офицери на германската војска. Се бара од владата да разјасни дали станува збор за изолиран инцидент или тековен безбедносен предизвик во владината комуникација. Руските провладини медиуми веќе ја објавија компромитирачката 38-минутна снимка од разговорот на генералите. Привиден мир во Украина, за првпат по две години се игра фудбал во Киев…

Во Берлин, политичка бура предизвика разговорот на четворицата високи германски офицери за можното украинско користење на проектилите со долг дострел „Таурус“. Во јавноста, особено преку руските медиуми, веќе кружи 38-минутната аудиоснимка на којашто се разговара за употребата на крстосувачките ракети со ефект во радиус од 500 километри.
Германскиот канцелар Шолц по објавувањето на информацијата од рускиот министер Лавров, поради сериозноста на аферата нареди истрага која ја коментираат и германските политичари.
„Да, тоа е многу сериозна работа. Веднаш мораме да расчистиме дали станува збор за изолиран инцидент или безбедносен проблем во структурите на германската владина комуникација“, рече Константин Фон Ноц-претседавач на Комитетот за парламентарна контрола.
„Ова е навистина пресврт за поука со која се соочуваме неделава. Се надевам дека владата и канцеларот ќе извлечат неопходни заклучоци“, додаде Маркус Фабер-член на Бундестагот.
„Федералната влада мора да ја унапреди сопствената технологија на комуникациите, бидејќи ова е сигурно само врвот на сантата мраз. Затоа треба веднаш да се објасни зашто канцеларот Шолц лиферува лажни ставови во јавноста велејќи дека германските оружени сили не треба да се вклучат на теренот“, изјави Родерик Кизеветер- член на Бундестагот.
Инаку, Украина ги бара проектилите со месеци, но Шолц одбиваше и покрај критиките на неговите коалициски партнери за да избегне втурнување на Германија во војната во Украина.
На теренот во Украина, сè уште се утврдуваат последиците од уништувањето на повеќекатницата во која загинаа петмина, меѓу кои и дете. Според Зеленски, рускиот дрон од иранско производство уништил 18 дома. Во Одеса е прогласен ден на жалост.
Но, во Киев, вљубениците во фудбалот и покрај војната и тековната руска офанзива повторно се на трибините. За првпат по две години се одигра натпревар меѓу Динамо и Черноморец од Одеса. Иако со ограничена присутност од околу две илјади посетители, на натпреварот беа украинските војници кои, придружувани од семејствата, се на воено отсуство.
Зоран Богатинов
