Во викенди има раздвиженост, но во другите денови Охрид е празен
Туристички Охрид ја живее ниската сезона. Голем дел од хотелските и угостителските капацитети се под клуч, се реконструираат и реновираат. Експертите велат потребна е збогатување на понудата со нови содржини за привлекување на гости од нови туристички пазари…

Голем дел од хотелско – угостителските објекти на брегот на Охридското Езеро се под клуч, го користат овој период од годината за реконструкции и подготовки за новата туристичка сезона. Велат февруари и март се месеци кога има најмалку промет и едвај се покриваат трошоците.
Забележителен е мал број туристи и тоа само за викенди.
„Секако после Новогодишните празници повеќето ресторани, хотелско угостителските објекти овој период го користат за рекуперација, реновирање, спремање тоа е тој период кога нема голем приод и промет на гости. Сега за осмомартовските празници ќе има некоја раздвиженост но тоа нема да биде онаа раздвиженост која ја очекуваме ние охриѓани. Поголема раздвиженост е очекува од месец април“, вели Челик Асим-туристички работник од Охрид.
Охрид мора да ги следи новите трендови на туризам. Современите туристи бараат доживување и добро спакувана приказна. Според експертите потребно е таргетирање на нови туристички пазари и повеќе чартер летови.
„Можеме да работиме на таргетирање да го направиме декември, јануари и дел од февруари врзани со настани. Меѓутоа мора да размислиме и малку да се коригираме со цените во тие периоди. Најдобро е скандинавските земји да ги земеме како таргетна група првично е да имаме лет“, вели професорката Ангела Паскуале од ФТУ.
Охридскиот регион треба да го избегнува масовниот, да се фокусира на алтернативен, културен и одржлив туризам. Да се понуди, но и да се сочува богатото природно културно наследство со кое изобилува регионот.
Соња Рилковска
