Пендаровски и Силјановска-Давкова ги собраа потребните граѓански потписи
За само неколку часа Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски ги собраа потребните граѓански потписи за нивните кандидатури за шеф на државата. Денеска редици пред подрачните единици на Државната изборна комисија. Потребните 10.000 потписи веќе ги обезбедија и Бујар Османи, Максим Димитриевски, Стевчо Јакимовски, Арбен Таравари и Билјана Ванковска. Постапката за собирање на потписи ќе трае до 8-ми март на полноќ…

Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски за неколку часа ги собраа потребните 10.000 граѓански потписи за учество во претседателската трка. Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека тој го минал потребниот законски праг на граѓанска поддршка. И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски потврди дека Силјановска-Давкова ги собра потписите, и изрази уверување во нејзина победа.
Изутрина, дел од регионалните канцеларии и одделенија на Државната комисија, осамнаа со редици граѓани кои чекаа да се потпишат за својот кандидат. Екипата на Македонската телевизија ја посети скопската општина Кисела Вода, каде граѓаните и во недела дојдоа да го дадат својот потпис за еден од претседателските кандидати. Македонската телевизија поразговара со граѓаните и ги праша – што очекуваат од следниот македонски претседател?
„Да се бори за Македонија, да ги почитува законите, да гледа што потпишува, што треба, а што не треба.“
„Да ја води државата онака како што сака народот, да биде достоинствен, чесен и да работи во интерес на народот. Да работи согласно своите ингеренции.“
„Да се залага за националните интереси на Македонија. Народот верува во тоа.“
„Подобрување на стратегиските прашања и водење на правична политика“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Минувајќи го потребниот праг за потписи, Силјановска и Пендаровски им се придружија на останатите петмина кандидати кои ги собраа потребните потписи, Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од За наша Македонија, Арбен Таравари од Алтернатива, Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ. Останатите кандидати засега имаат собрано значително помал број на потписи, а најмногу меѓу нив имаа Мерсиха Смаиловиќ од Партијата на Бошњаците и независниот кандидат Вело Маркоски, за кои се потпишале по околу 1.400 лица.
Инаку, во истите овие подрачни канцеларии и одделенија на Државната изборна комисија во кои граѓаните се потпишуваат за претседателските кандидати, може да се изврши и увид во Избирачкиот список и да се поднесе барање за впишување, промена или испишување. Увид во избирачкиот список граѓаните може да извршат и на интернет страната на Државната изборна комисија.
Марија Котовска
