Големата кашлица се шири, лекарите со апел за вакцинација
Големата кашлица се шири. Според податоците на Институтот за јавно здравје сè повеќе училишни деца заболуваат од пертусис. Во Скопје од почетокот на февруари е прогласена епидемија, голема кашлица има и во другите градови…

Осуммесечно невакцинирано бебе со голема кашлица е хоспитализирано на Детската клиника. Неколку деца има и во Детската болница во Козле. Лекарите велат состојбата им е стабилна, но сепак клиничката слика не дозволува тие да бидат на домашно лекување.
За една до две недели големата кашлица ќе се прошири и низ другите градови низ земјата – предупредува епидемиологот Олумчев. Иако 98 проценти од новите 56 случаи последната недела се во Скопје, сепак многумина граѓани од внатрешноста доаѓаат во метрополата. Докторот е дециден колку побрзо се имунизираат децата, толку поблаг ќе биде ударот кој го носи болеста.
„Очекувам заразата да се прошири многу брзо кон другите места со оглед на тоа каква ни е состојбата со вакциналниот статус на децата. Вакцинацијата во моментов ни е најбезбедниот начин за децата со таков – каков имунитет и со тоа да го ублажат ударот колективниот имунитет, но и ударот кон симптоматологијата, односно тежината на болеста“, изјави д-р Сашо Олумчев – епидемиолог.
Бројот на заболени секојдневно се зголемува, годинава има регистрирано рекордни 123 случаи, наспроти 2018-та кога имало само 32-ца. Најмногу од заразените се во Скопје, во општините Аеродорм и Карпош. Освен во главниот град по неколку случаи има во Куманово, Крива Паланка, Гостивар, Тетово, Струга, Дебар и во Струмица. Наредната недела ќе заседава Комисијата за заштита од заразни болести. Тогаш ќе се знае дали ќе бидат предложени нови мерки. На 8-ми февруари Центарот за јавно здравје прогласи епидемија на голема кашлица во главниот град, освен контроли на вакциналните картони во градинките и препораки за имунизација, други мерки за да се спречи ширењето на епидемијата – нема.
Според лекарите – имунизацијата е единствениот начин да се спречи ширење на епидемијата. Зголемен е интересот за имунизација во земјава, илјадници деца ја примиле вакцината против голема кашлица
Интересот за вакцина е зголемен, но недоволен за колективен имунитет. Центрите за јавно здравје во Скопје пронашле 13 илјади невакцинирани деца, од нив пет илјади примиле вакцина или ревакцина. Додека пак, во другите градови од седум илјади невакцинирани, над две илјади се имунизирани.
Андријана Ѓурческа
