Политика

Седум кандидати за претседател ги собраа потписите

04.03.2024 08:13

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, на конвенција и на конгрес, ги официјализираа кандидатурите на Гордана Силјановска-Давкова и на Стево Пендаровски. Потребниот број потписи го собраа Бујар Османи како кандидат на ДУИ, Арбен Таравари, коалиција Вреди, Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ...

Викендов и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, на конвенција и на конгрес, ги официјализираа кандидатурите на Гордана Силјановска-Давкова и на Стево Пендаровски. Двете партии вчера ги собраа граѓанските потписи за нивните кандидати за претседатели. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за Давкова се потпишале најмалку 27 илјади граѓани. Од штабот на СДСМ, пак, ја соопштуваат бројката од 22.000 потписи за кандидатурата на Пендаровски за втор претседателски мандат.

Пред нив потребниот број потписи го собраа Бујар Османи како кандидат на ДУИ, Арбен Таравари, коалиција Вреди, Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.

Според последниот пресек на Државната изборна комисија, до вчера во 20 часот, Мерсиха Смаиловиќ која е поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз, има 1.411 потписи, Вело Марковски како независен кандидат има 1.402 потписа, Господин Попоски од Вевчани обезбеди поддршка од 109 граѓани, независната кандидатка поддржана од ДЕСНА, Зорица Цветковска собра вкупно 195, независниот кандидат Ѓорѓи Манасков ја доби поддршката од 414 граѓани. Томе Николоски останува со 0 потписи, а самиот објави дека се откажува од трката.

Рокот за собирање на потписите истекува на 8 март на полноќ.