Израел

Во Каиро преговори за примерје меѓу Израел и Хамас

04.03.2024 09:08

Американската потпретседателка Камала Харис ги повика израелските функционери и лидерите на Хамас да го прифатат договорот за шестнеделен прекин на огнот, истовремено притискајќи го Израел да го зголеми протокот на хуманитарна помош...

Нов обид за примирје во Појасот Газа во Каиро, откако Израел ги бојкотираше преговорите поради тоа што Хамас одби да испрати целосен список на заложници кои сè уште се живи. Американската потпретседателка Камала Харис ги повика израелските функционери и лидерите на Хамас да го прифатат договорот за шестнеделен прекин на огнот, истовремено притискајќи го Израел да го зголеми протокот на хуманитарна помош.

„Со оглед на големите размери на страдања во Газа, мора да има итен прекин на огнот најмалку во следните шест недели, тоа е она што во моментов е на маса. На овој начин ќе се извлечат заложниците и ќе се добие значително количество помош. Ова ќе ни овозможи да изградиме нешто потрајно и ќе се осигураме дека Израел е безбеден, а се почитува правото на палестинскиот народ на достоинство, слобода и самоопределување“, изјави Камала Харис, потпретседател на САД.

Во меѓувреме се зголемува и меѓународниот притисок за ставање крај на крвопролевањата на Блискиот Исток. Премиерите на Австралија и на Малезија бараат хуманитарен прекин на огнот и политичко решение кое мора да вклучува решение со две држави.

„Повикуваме на хуманитарен прекин на огнот, ослободување на заложниците и политичко решение кое мора да вклучува решение за две држави, каде што Палестинците и Израелците ќе можат да живеат во безбедност и стабилност рамо до рамо. Интересот е на сите во регионот. Светот гледа и е многу загрижен за загубата на невини луѓе од двете страни“, изјави Ентони Албанес, премиер на Австралија.

Претходно Тел Авив го објави извештајот според кој повеќе од 100 луѓе беа убиени, а над 760 ранети во Појасот Газа додека чекаа хуманитарна помош.

„Нашиот првичен преглед потврди дека не бил извршен никаков удар од израелските сили кон хуманитарниот конвој. Поголемиот дел од Палестинците беа убиени или повредени како резултат на стампедото. Од информациите што ги собравме од командантите и силите на теренот, биле истрелани предупредувачки истрели за да се растера стампедото“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.

Војната во Појасот Газа почна откако милитантите предводени од Хамас упаднаа во јужен Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе, главно цивили, а зедоа околу 250 други како заложници.

 

Маријана Димовска