Хаити

Прогласена вонредна состојба во Хаити, поради ескалација на насилството на бандите

04.03.2024 09:03

Стотици затвореници побегнаа од државниот затвор во главниот град на Хаитите, Порт-о-Пренс. Поради ескалацијата на насилството на бандите на Хаити, владата прогласи вонредна состојба и воведе ноќен полициски час во главниот град Порт-о-Пренс.

Стотици затвореници побегнаа од државниот затвор во главниот град на Хаитите, Порт-о-Пренс. Бегството се случило откако во саботата избиле судири меѓу вооружените банди и полицијата, изјави извор од органите на редот. Поради ескалацијата на насилството на бандите на Хаити, владата прогласи вонредна состојба и воведе ноќен полициски час во главниот град Порт-о-Пренс.

Вонредната состојба првично треба да важи 72 часа и може да биде продолжена. Полицискиот час стапи на сила во неделата навечер и треба да трае до среда во периодот од 18 часот до 5 часот наутро.

Насилството во Хаити, најсиромашната земја во Америка, ескалираше во последниве години, а, бандите кои се обидуваат да го соборат привремениот претседател Ариел Анри, контролираат 80 отсто од Порт-о-Пренс.

Последниот бран на насилство започна во четвртокот, кога претседателот отпатува за Најроби за да разговара за доаѓањето на меѓународните безбедносни сили предводени од Кенија.