Филхармонија

Македонска филхармонија со концерт насловен „Сила“

04.03.2024 10:17

Концертот не случајно носи наслов „Сила“, затоа што сите композиции, ако може да им се даде една генерална оцена, се фокусирани на моќта на интерпретацијата, страста и енергијата којашто и самите изведувачи треба да ја донесат на сцената...

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската Филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Сила“, на кој како солисти ќе настапат Пачо Флорес (Венецуела) на труба, Лео Рондон на венецуелска гитара (Венецуела), а диригент е маестро Мануел Хернандез – Силва (Венецуела/Шпанија).

Концертот не случајно носи наслов „Сила“, затоа што сите композиции, ако може да им се даде една генерална оцена, се фокусирани на моќта на интерпретацијата, страста и енергијата којашто и самите изведувачи треба да ја донесат на сцената. Почнувајќи од симфонискиот став „Музи и здив“, чиј автор е солистот на труба Пачо Флорес, став кој е посветен на врвниот Астор Пјацола, аргентинскиот композитор што го донесе на свет „танго нуево“, и во кој се чувствува неговото силно влијание, особено во оркестарските делници.

„Приказни за цвеќиња и танго“ е композиција на Даниел Фрајберг, еден од новите водечки композиторски имиња, и „Симфонискиот сјај на Маргарита“ на композиторот Иносенте Хозе Карењо негово најпознато дело во кое се содржани многу влијанија од народната музика од северниот брег на Венецуела, поточно од островот Маргарита.

Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „ЈунгерКунстлер“, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена. Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин диригент со шпански и со други оркестри во Европа.

Трубачот Пачо Флорес критиката го оценува како еден од најатрактивните уметници денес, кој е фокусиран на промоција на современата музика. Првите награди што ги освоил на најпознатиот меѓународен натпревар за труба во светот „Морис Андре“, како и на „Филип Џонс“, ја потврдуваат неговата висока репутација во светот на музиката. Уште за време на неговите студии во Оркестарот за млади и деца во Венецуела, Флорес добил врвно признание за неговите интерпретации како солист, способен подеднакво да управува со класичните и со популарните жанрови.

 

Фото: Македонска филхармонија