Англија – Италија: Во џунглата, спектакл за сите сетила!
Италија има четири светски круни, Англија една, но двете велесили требаше да чекаат да отпатуваат во Манаус, во длабочината на амазонската шума, за втор меѓусебен натпревар на Светските првенства. Првиот беше за третото место пред 24 години, кога „аѕурите“ победија со 2-1 пред своја публика. Тоа беше слаба утеха за мундијалскиот домаќин, а уште поголема болка за генерацијата на Линекер којашто и тогаш беше блиску, а остана без финале.

Позициите на двете фудбалски нации не се менуваат и сега. Ќе ги задоволи само висок пласман, борба за светскиот врв. А патот до него почнува во тропската амазонска шума, во градот со голема влажност и лош терен. Англичаните патуваа 2600 километри од својата база во Рио до арена „Амазонија“. Се разбира дека никој не прави алиби за евентуален неповолен резултат, но на отворање на шампионатот во Бразил, во дерби со лут ривал, времето и теренот можат да бидат фактор, се рабира не поголем од квалитетот на фудбалерите. Џанлуиџи Буфон не се чувствуваше најдобро, кај „сините“ ќе го нема и Де Шиљо, додека во составот на Англичаните ќе отсуствува Окслеид Чембрлен. Велбек е подготвен, па од тој аспект селекторот Рој Хоџсон може да биде мирен.
Штабот на „гордиот албион“ е категоричен дека не смее да се повтори четвртфиналето од Европското пред две години. Тогаш Италија ја контролираше топката и победи. Пирло имаше повеќе додавања од целиот противнички среден ред, па Хоџсон знае што треба да поправи. „Подготвени сме во секоја смисла. На тоа можете да влијаете. Сега ќе играме и ќе се надеваме“, вели англискиот кормилар кој пред 20 години беше осминафиналист кога седеше на клупата на Швајцарија. Неговиот ривал Чезаре Прандели нема таков успех, за него ова е прво светско првенство, но многумина се согласуваат дека во моментов тој е вистинскиот човек за работата. „Англија има право да биде самоуверена. Има добар состав и одлични напаѓачи“, вели Прандели, иако Италија има поискусен состав од ривалот.
Џерард и Руни на едната, Пирло и Балотели на другата страна. Што и да биде, Англија – Италија е фудбалски спектакл за сите сетила.