Новиот обид за примирје во Газа без резултати, Нетанјаху бара отстапки од Хамас
Во Каиро нов обид за примирје во Појасот Газа. Расте притисокот врз Израел и Хамас да го прифатат договорот за шестнеделен прекин на огнот. Меѓународната заедница бара крај на војната на Блискиот Исток. Европската унија ги одмрзна средствата на Палестинците што беа суспендирани по аферата дека вработени во Унијата соработувале со Хамас...

Во Каиро, нов обид за примирје во Појасот Газа. Без резултати, Нетанјаху бара отстапки од Хамас за да се вклучи Тел Авив во преговорите. Египет, Катар и САД, како посредници, со недели се обидуваат да ја запрат војната за да се достави хуманитарна помош и да се ослободат заложниците. Вашингтон ги повика израелските функционери и Хамас да го прифатат договорот за шестнеделен прекин на огнот.
„Со оглед на размерите на страдањата во Газа, мора да има итен прекин на огнот најмалку во следните шест недели, тоа во моментов е на масата. На овој начин ќе се извлечат заложниците и ќе се достави значителната помош. Ова ќе ни овозможи да дојдеме до нешто потрајно и ќе се осигураме дека Израел е безбеден и дека се почитува правото на палестинскиот народ на слобода и самоопределување“, изјави Камала Харис, потпретседател на САД.
Меѓународната заедница бара крај на крвопролевањата на Блискиот Исток и политичкото решение да се заснова на постоењето на две држави. И додека се чека на мирот, нови воздушни напади во центарот на Газа, со жртви и повредени.
„Повикуваме на хуманитарен прекин на огнот, ослободување на заложниците и политичко решение кое мора да вклучува две држави, каде што Палестинците и Израелците ќе можат да живеат во безбедност рамо до рамо. Интересот е на сите во регионот. Светот е многу загрижен за загубата на недолжните луѓе од двете страни“, изјави австралискиот премиер, Ентони Албанезе.
Европската Унија ги одмрзна средствата на агенцијата на Обединетите нации за хуманитарна помош, поради соработката на вработени во нападот на Хамас на седми октомври. Тел Авив го објави извештајот според кој повеќе од 100 луѓе беа убиени, а над 760 ранети во Појасот Газа додека чекаа хуманитарна помош.
„Нашиот првичен преглед потврди дека не бил извршен никаков удар од израелските сили кон хуманитарниот конвој. Поголемиот дел од Палестинците беа убиени или повредени како резултат на човечкото стампедо. Од информациите што ги собравме од командантите и силите на теренот, биле истрелани предупредувачки истрели за да се растера толпата“, изјави Даниел Хагари, портпарол на Израелската одбрана.
Војната во Појасот Газа трае веќе шести месец, откако терористите на Хамас на концерт во Израел убија над 1.200 луѓе, земајќи и заложници, од кои стотина сè уште не се ослободени.
Маријана Димовска
