Македонија

Пет јавни универзитети на протест, бараат повисоки плати

04.03.2024 16:06

Синдикатите на пет јавни универзитети, во Битола, Тетово, Штип, „Св. Апостол Павле“ во Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје денеска пред влезовите на универзитетите одржуваат мирен протест затоа што не им се потпишани колективните договори. Сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто…

Мирни протести пред пет јавни универзитети во Скопје, Битола, Тетово, Штип и во Охрид, оти не им се потпишани колективните договори. Синдикатите на универзитетите од пред влезовите го изразија својот револт барајќи повисоки плати, оти како што велат, биле игнорирани и дискриминирани од Владата и од Собранието.

Вработените на УКИМ веќе потпишаа колективен договор и од месецов ќе добијат за 22% поголеми плати. Премиерот не кажа дали и овие професори ќе добијат зголемување, но рече дека тие немале комплетна документација.

И од најголемиот синдикат во земјава ССМ, велат дека мора да се почитуваат колективните договори, и да се потпишат што поскоро.

Според професорската фела, ако не биде потпишан колективниот договор ќе протестираат пред Собранието, но и ќе ја бојкотираат наставата.

Борис Грујоски