Големата кашлица зема замав, Комисијата ќе одлучува за нови мерки
Нови три случаи на голема кашлица регистрира Центарот за јавно здравје – Скопје. Заболените се од општините Аеродром, Карпош и Сарај-само еден од потврдените случаи е целосно вакциниран. Сè поизвесно е дека на утрешниот состанок Комисијата за заразни болести ќе препорача нови мерки, имајќи ја актуелната состојба во метрополата, но и можноста болеста да се рашири во останатите градови…

Комисијата за заразни болести пред одлука за нови мерки за да се спречи ширењето на епидемијата со голема кашлица. Се очекува да му препорача на здравствениот инспекторат, да ги задолжи градинките да не згрижуваат невакцинирани деца. По речиси еден месец од прогласувањето епидемија во главниот град – градинките сè уште чекаат насоки од надлежните институции. Освен контрола на вакциналните картони и препорака за имунизација, конкретни мерки нема.
Во меѓувреме, статистиката секојдневно бележи новозаболени. Бројката сигурно е и поголема бидејќи кај вакцинираните и кај возрасните, големата кашлица честопати не се открива, минува лесно, симптомите се слични на друга вирусна инфекција. Лекарите не ја исклучуваат можноста заразата да продолжи да се шири и во текот на наредните месеци.
„Симптомите во првите неколку дена наликуваат на обична настинка. Во втората недела започнуваат карактеристичните симптоми. Кај поголемите и кај оние што се вакцинирани може да продолжи како блага клиничка слика и може да не биде типична и да не биде откриена“, вели д-р Весна Мицевска – пулмолог во Детската клиника.
За една недела се регистрирани 56 случаи со голема кашлица, дури 54 се од Скопје. Неколку деца има во болницата во Козле, а осуммесечно невакцинирано бебе е хоспитализирано на детската клиника, состојбата му е стабилна. Имунизацијата е единствениот начин да се спречи ширење на епидемијата.
За една до две недели епидемиолозите очекуваат големата кашлица да се прошири и во другите градови низ државата, предупредуваат дека колку побрзо се имунизираат невакцинираните деца, толку поблаг ќе биде ударот кој го носи болеста. Иако интересот за вакцинација е зголемен, сепак не е доволен за колективен имунитет.
Андријана Ѓурческа
