Третман на пациенти со прекумерна тежина
Денеска е светски ден на дебелината, а Македонија го одбележува со поразителни податоци. Имено, зголемената тежина е причина за повеќе хронични болести, од нив, во земјава има од 120 – 130 илјади дијагностицирани пациенти со дијабетес кои се веќе на терапија. Бројката на пациенти со висок крвен притисок кои, исто така, се под терапија е 420 илјади. Она што загрижува е бројот на недијагностицирани пациенти…

Пензионираниот полицаец Павле Трифуновски, имал дијабетес, зголемен крвен притисок и 132 килограми. Докторка Наташа Недеска-Минова го предупредила дека тоа му е последица на прекумерната тежина и му препишала терапија, иако тој не верувал дека ќе му помогне.
Александар од почетокот на третманот пред шест години досега е полесен за 100 килограми. Се обидел сам да слабее, но неуспешно. Ниту терапијата не го давала посакуваниот резултат, па направил хируршка интервенција. Докторката Недеска – Минова вели операциите и терапијата не се на сметка на Фондот.
Во Центарот за менаџирање на дебелината во ГОБ „8 Септември“ за една година поминале речиси 600 пациенти. Две третини од нив се жени. Најтешката пациентка била 47 години и имала 220 килограми. Дебелината се шири со пандемски размери.
Додека се отвори Центар на Детска клиника, пациентите ќе се лекуваат во постојните два центри.
Причините за дебелината се многубројни. Докторката Недеска-Минова вели е задоволна од резултатите на нејзините пациенти, ги охрабрува сите со прекумерна тежина да бараат помош, бидејќи решение има.
Наташа Јанчиќ-Менковски
