На земјоделци од Свети Николе не им е продолжен договорот за закуп на земјиште поради изборниот процес
Сакаат да работат и да произведуваат храна, ама државата не им го продолжила договорот за закуп на земјиштето. Околу 90 земјоделци од Свети Николе стравуваат дека по изборите, за кога им е ветено продолжување на договорите, ќе биде доцна, оти ќе ги изгубат субвенциите …

На 88 земјоделци од Свети Николе во декември не им е продолжен договорот за закуп на земјоделско земјиште. Се работи за над илјада хектари за кои од Министерството за земјоделство им било кажано дека ќе има повик за закуп после изборите. Велат тогаш е доцна, го губиме правото на субвенции.
Доколку не се најде решение, неделава светиниколските земјоделци излегуваат на протест.
Од Министерството за земјоделство велат дека не е раскинат ниту еден договор, дека на 200 земјоделски стопанства договорите за закуп им истекува во изборен процес, заради што Владата изврши измена на Уредбата за директни плаќања.
„Измената на Уредбата е во насока да овозможи право за субвенции на сите земјоделци на кои во овие месеци за време на изборниот процес, имаат истечени или ќе им истечат договорите за закуп на земјоделско земјиште. Земјоделците правото на субвенциите да можат да го остварат врз основа на старите договори. Продолжувањето на договорите да се изврши веднаш по завршувањето на изборниот процес, продолжувајќи се на 15 години согласно последните измени во законот за земјоделско земјиште, кои се токму по барање на земјоделците“, велат од МЗШВ.
За земјоделците со истечен договор да не бидат избришани од ЕРЗС систем, во тек е законска измена која е во собраниска процедура.
Славица Величковска
