Фудбал-СП Бразил

На Маракана по мундијалската слава

15.06.2014 13:11

Со отчукувањето на последните моменти од четвртиот и почетокот на новиот мундијалски ден ќе блесне славната Маракана и  ќе ги отвори вратите за репрезентите на Аргентина и Босна и Херцеговина. Ќе гоотвори влезот во светот на мечтите, привлечен и предизвикувачки за сите, без разлика на тоа дали во случајов, „Гаучосите“ по којзнае кој пат  зачекоруваат во него, или пак Босанците прв пат се соочуваат со легендарната Маракана и со мундијалската магија. Претстои голема полноќна фудбалска претстава!

Со отчукувањето на последните моменти од четвртиот и почетокот на новиот мундијалски ден ќе блесне славната Маракана и  ќе ги отвори вратите за репрезентите на Аргентина и Босна и Херцеговина. Ќе гоотвори влезот во светот на мечтите, привлечен и предизвикувачки за сите, без разлика на тоа дали во случајов, „Гаучосите“ по којзнае кој пат  зачекоруваат во него, или пак Босанците прв пат се соочуваат со легендарната Маракана и со мундијалската магија. Претстои голема полноќна фудбалска претстава! Незаборавна за Босна и Херцеговина, момент за нејзината историја, момент сличен на оној од пред 30 години кога пламна  во Сараево олимпискиот оган и им ги смени животите на неговите жители.

Денеска Босна и Херцеговина е обземена со фудбалскиот оган! Заслужи лицето на земјата да биде осветлено со сјајот на грандиозниот настан. По неколкуте обиди во кои и недостигаше сосема малку за да  стигне на целта, Босна и Херцеговина  успеа на импресивен начин да го трасира  патот за Бразил.А сега,  како да се овековечи овој историски момент, е прашањето? Како дебитантската улога да биде преточена во главна ролја против гигантот каков што е Аргентина? Можеше  ли Сафет Сушиќ деновиве мирно да спие, да ги отфрли мислите за Меси,Агуеро, Игуаин, Ди Марија...Популарниот „Папе“ некогашните фудбалски проблеми ги решаваше на сопствен, брилијантен начин!

Пред 35 години истрча на „Маракана“, не на оваа во Рио  туку онаа во Белград, и со хет-трик и со победничките 4:2 за екс-Југославија  ги испрати затечените и понижени Аргентинци, тогаш актуелните светски шампиони! Сушиќ денеска размислува, на кој начин некогашната сопствена победничка магија да ја пренесе кај своите главни јуришници Џеко, Мисимовиќ, Пјаниќ, Спахиќ, Беговиќ! Како еден од големите мундијалски фаворити да го изненади, да го надмудри, како што тоа на пример го направи Камерун на светското првенство во 1990-та. Тоа е единствениот пораз на Аргентинците во премиерните мечеви на светските првенства.

Може ли босанскиот состав да се апстрахира од двата досегашни порази од Аргентина во мечевите од пријателски карактер во кои беше поразен со 5:0 и со 2:0, со седум примени а ниту еден постигнат гол? Моќна е Аргентина! Близок, многу добро познат и целиот овој мундијалски, јужноамерикански амбиент.Ќе направи се да го искористи и да ита кон  третата своја титула. Зад себе ја има и навивачката армија,  која вечер во сино и бело ќе ја обои  Маракана. Алехандро Сабеља со „страшен“ состав допатува во Бразил. Вишокот на „квалитет“ е една од неговите главоболки, особено напаѓачите: кого да  уфрли во игра од петтемина  гол-мајстори од списокот, кои зад себе оставија клупска сезона со вкупно 124 постигнати голови! Меси, Агуеро, Игуаин, Паласио или Лавеци..! Ова ќе е судир на два состави со офанзивна ориентација. По 30 голови во квалификациите дадоа и Босанците и Аргентинците.

Сигурно дека и вечер на Маракана нема да отстапат од оваа своја голгетерска навика. Аргентина е голем фаворит! Силниот мотив и факторот на изненадување заедно со неспорниот квалитет се адутите на Босна и Хердцеговина. А, можеби може да упали и понекогаш применуваната  рецепта низ времето: „Да се исклучи логиката и да се удри на противникот, онака по босански“!