Финансиска поддршка за порибување
Со 9,5 милиони денари државни пари ќе се финансира зголемувањето на рибниот фонд. Порибувањето и годинава е обврска на концесионерите кои за оваа намена ќе добиваат субвенции. Во годишната програма за рибарство предвидени се и средства за дополнителна физичка заштита по одделни риболовни води...

Субвенциите се наменети за надомест на прифатливи трошоци за вршење на вештачки мрест, за обезбедување на порибителен материјал или за рехабилитација, доградба, надградба и опремување на постоечките мрестилишта за производство на репродуктивен и порибителен материјал во регистрираните репроцентри.
Во годишната програма за рибарство се предвидени и пари за дополнителна физичка заштита на рибите која се врши во време на природен мрест за периодот од 1 ноември 23 до 30 септември 2024 година. Со 1,5 милиони денари ќе се финансираат и рибочуварите со просечна месечна бруто-плата во дејноста, изнајмувањето на пловни објекти и горивото.
Концесионерите на рибите од риболовните води можат да побараат субвенции и за набавка на опрема за видеонадзор до најмногу 30.000 денари во зависност од условите на теренот. Скоро 3 милиони денари се наменети за развој на нови пазари и промотивни кампањи.
Јавниот повик со рокови за поднесување на барањата и утврдување на документација која се доставува за користење на овие средства ги објавува Платежната агенција.
Методија Трајков
