Кинотека

Одбележување на 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки

05.03.2024 09:10

Кинотеката се приклучува кон одбележувањето на 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки и по тој повод на 5 -ти март ќе се одржат проекции на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“...

Кинотеката се приклучува кон одбележувањето на 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки и по тој повод на 5 -ти март ќе се одржат проекции на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ и на 42 наслови на браќата Манаки снимени со нивната „Камера 300“.

Документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ (2018, 70 мин., црно-бел/колор) на авторот Роберт Јанкулоски ја раскажува приказната за фотографската дејност на Јанаки и Милтон Манаки. Најпрвин, со почеток во 18 часот, м-р Роберт Јанкулоски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на „Македонски центар за фотографија“, ќе одржи презентацијата под наслов „Фотографиите на Манаки, записи низ времето“. Потоа ќе следува проекцијата на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ во режија на самиот Јанкулоски, а по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкулоски.

Преку оригинални документарни фотографии филмот го следи професионалното патешествие на браќата Манаки од отворањето на првото фотографско ателје во 1898 година во Јанина, сè до нивната преселба во Битола, каде покрај фотографско ателје, градат и киносала и почнуваат професионално да се занимаваат со киноприкажување на филмови.

Потоа, со почеток во 20 часот, ќе се одржи проекција на 42-та наслови на браќата Манаки снимени со нивната Камера со сериски број 300, а кои помладиот брат Милтон во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување во Државниот Архив на Македонија.