Хаос на Хаити, банди се обидуваат да го заземат главниот меѓународен аеродром
Хаити во хаос.Членови на банди се обидоа да го заземат главниот меѓународен аеродром откако викендов ослободија илјадници затвореници од затвор. САД ги повикаа своите државјани да ја напуштат карипската земја. Од Обединетите нации бараат мерки за да се спречи земјата да западне во хаос...

Вооружени членови на банди се обидоа да ја преземат контролата врз главниот меѓународен аеродром на Хаити, разменувајќи оган со полицијата и војската. Ескалацијата следи откако викендов беа нападнати неколку владини институции и ослободени илјадници затвореници. Властите во обид да спречат насилство, наредија полициски час и тридневна вонредна состојба.
„Со голема загриженост ја следиме брзо влошената безбедносна ситуација на Хаити. Работиме со меѓународните партнери за да обезбедиме итна поддршка за националната полиција на Хаити што ќе помогне итно да се врати безбедноста“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност.
Националната полиција на Хаити брои околу 9.000 полицајци кои се грижат за безбедноста на повеќе од 11 милиони луѓе. Се проценува дека бандите веќе контролираат до 80% од главниот град Порт-о-Пренс.
„Генералниот секретар ја повторува потребата за итна акција за да се одговори на итните безбедносни барања на народот на Хаити и да се спречи земјата дополнително да западне во хаос. Исто така, ја повикува владата на Хаити, и другите политички актери, брзо да се договорат за неопходните чекори за унапредување на политичкиот процес кон обновување на демократските институции преку одржување на избори“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ООН.
Премиерот Ариел Хенри изминатата недела отпатува за Кенија за да изврши притисок за распоредување на полициски сили поддржани од ООН кои би помогнале во битката со криминалните групи.
„Сега еден од клучните играчи во ова е водачот на банда наречен Џими Шеризие, познат и како „Скара“. Тој претходно изјави дека сака да го земе како заложник шефот на полицијата во земјата и други политичари“, изјави Индија Грант, репортер, Асошиетед прес.
САД ги повикаа своите државјани да го напуштат Хаити. Американската амбасада предложи со работа но со ограничени операции, додека Канада најави дека привремено ќе ја затвори својата амбасада. Американскиот претседател Џо Бајден, претходно одби да ангажира војници, но испрати логистика и пари и најави избори во таа земја кон средината на 2025 година.
Маријана Димовска
