Започна семинарот за македонски јазик, литература и култура во Охрид

15.06.2014 13:59

Охрид е домаќин на 47-от меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура. Во наредните две недели 65 слависти и македонисти од целиот свет ќе имаат можност подобро да се запознаат со македонскиот јазик преку предавања, лекторски вежби и секции...

Годинава Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ќе биде во знакот на одбележувањето на 65 годишнината од основањето на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и 70 годишнината од официјализирањето на македонскиот јазик како службен јазик во Република Македонија. Изминатиот период докажа дека македонскиот јазик го заслужува тој статус, рече професорот Људмил Спасов, притоа посочувајќи дека за негова поголема афирмација е потребно семинарот да трае цела година.

„Треба да вложиме извонредни сили да го еманципираме и да го етаблираме македонскиот јазик во рамките на ЕУ, затоа што таму ни е местото и затоа што македонскиот е европски јазик“, вели проф. д-р Људмил Спасов.

На семинарот  покрај стипендисти учество зедоа 16 магистранти, 5 докторанти и 8 професори кои имаат истражувања во областа на македонскиот јазик.

„Пред пет години започнав студии по славистика. Имав македонистика за избор и така избрав, бидејќи ми звучеше интересно,непознато и мислам дека беше најдобар избор“, изјави Зофија Дембовска- македонист од Полска.

Во рамки на семинарот ќе се одржи и 41-та Научна конференција на која учество ќе земат 37 слависти и македонисти од целиот свет.

 

Сашо Нелоски