Преговорите за прекин на огнот во Газа прекинати, без резултати
Нови напади врз Газа. Расте притисокот на меѓународната заедница за постигнување примирје. Но, Тел Авив ја вжештува реториката. Израел обвини дека вработени во Агенцијата на обединетите нации за помош за палестинските бегалци биле членови на милитантни групи. Од Агенцијата, пак, рекоа дека нивните вработени биле принудени да дадат признание под тортура и малтретирање.

Пропаднаа напорите за прекин на огнот во Појасот Газа до муслиманскиот празник Рамазан. Израел опстои во своите барања Хамас да испрати список со имиња на преживеаните израелски заложници, што до почетокот на преговорите не го доби. Не испрати делегација во Каиро, а не одговори ниту на презентираниот предлог на Хамас. Наместо прекин на огнот, Тел Авив излезе со сериозни обвинувања за Организацијата на Обединетите нации задолжена за поддршка на палестинските цивили на Блискиот Исток. Тврдат дека над 450 вработени во организацијата биле членови на милитантните групи во Појасот Газа. Објавија пресретнати разговори, за кои велат дека јасно ја покажуваат вмешаноста на хуманитарците во нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври.
„Го декласифициравме повикот што го пресретнавме упатен од терорист на Хамас кој учествуваше во масакрот на 7-ми октомври, но тој не е само терорист на Хамас. Тој е, исто така, вработен во Организацијата за помош на палестински бегалци и работи како наставник во основно училиште на Обединетите нации во Газа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Од организацијата демантираат. Го обвинуваат Израел дека врши тортура на нејзини вработени со лажно признавање оти имале врски со Хамас. Генералниот комесар Лазарини се пожали дека организацијата се соочува со намерна и континуирана кампања за поткопување на нејзините операции, со крајна цел за прекин на помошта за палестинските цивили.
„Секојдневните повици на владата на Израел за елиминирање на Агенцијата, не се за неутралност. Кампањата против организацијата има за цел да ги смени долгогодишните политички планови за мир на окупираната палестинска територија, поставени од Генералното собрание и Советот за безбедност. Нападите против организацијата се обидуваат да ја елиминираат нејзината улога во заштитата на правата на палестинските бегалци“, изјави Филип Лазарини, генерален комесар на Агенција за помош и работа на ООН за палестинските бегалци на Блискиот Исток.
Меѓусебните обвинувања доаѓаат непосредно по неуспешните преговори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас што се одржаа во Каиро. Дополнително, растат и меѓународните притисоци за постигнување траен мир и окончување на кризата на Блискиот Исток.
Маја Стојанова
