Земјоделство во САД: Фармерите ги нудат своите производи на пазар во Вашингтон

15.06.2014 14:37

Земјоделството е една од главните стопански гранки во Соединетите Американски држави. Производите произведени на фармите можат да се најдат и во поголемите градови на пазарите за фармери. Младите фармери патуваат со километри од своите фарми до градовите за да ги продадат своите земјоделски производи на пазарите на отворено. Македонската телевизија посети пазар на фармери во центарот на Вашингтон...

Млади фармери од цела држава доаѓаат во главниот американски град за да ги продадат своите земјоделски производи. Во недела, оваа улица во центарот на Вашингтон неколку часови се претвора во пазар на отворено. Зеленчук и овошје од Мериленд и Пенсилванија, сирење и цвеќе од Вирџинија, се само дел од производите што можете да ги најдете овде.

Органски произведени производи се малку поскапи, но најбарани од купувачите.

„Ова е слика од нашата фарма пред околу 5 години. Оттогаш додадовме уште три стакленици, па овие полиња сега се под стакло. Одгледуваме без пестициди и хербисциди, но користиме вештачко ѓубриво, па не е органско производство“, вели една жена.

Фармерите плаќаат процент од заработувачката на организаторите на пазарите, но патот до Вашингтон се исплати, бидејќи има голем број на луѓе коишто сакаат да купат производи произведени на фарми блиску до своите домови.

„Во Пенсилванија одгледуваме главно овошје и зеленчук, праски и многу  јаболка. Имаме 300 хектари со зеленчук, 200 хектари со јаболка и 100 хектари со крушки, праски и друго овошје“, изјави еден маж.

На пазарот може да се најде месо, риба и млечни производи. Во Америка ретко се одгледуваат овци, но оваа госпоѓа од Вирџинија прави сирење од овчо млеко и го продава на пазарот за фармери во Вашингтон.

„Ние ги одгледуваме овците, ги молзиме и правиме сирење. Тоа е мал бизнис, се сѐ работи рачно. Семејството го поседува и работи на имотот од 1998-та“, изјави една жена.

Посетителите на пазарот на фармери можат да си купат и домашен леб, тестенини, мед, чај, ориз, грав и саксии со сезонско цвеќе. Речиси секој штанд нуди и проба на своите производи. Посетата на пазар на фармери е семеен настан, па во недела овде доаѓаат цели семејства за да прошетаат, пазарат, но и да ги научат децата каде се одгледува она што го јадат на трпезата.

Пазарите на фармерите почнуваат во мај и се затвораат во октомври секоја година.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ