Камп- туризмот зема сѐ поголем замав

15.06.2014 14:56

Македонија ги има сите предиспозиции за камп туризмот кој е водечки тренд во светскиот туризам кој остана незасегнат од светската рецесија...

Меѓународната кампинг федерација пред неколку години ги искритикува авто камповите во нашата земја истакнувајќи дека тие се наоѓаат во исклучително катастрофална ситуација и токму поради тоа не може да се рангираат и да се нудат на европскиот пазар.

Во нашата држава минатата година се отпочна кампања токму посветена на ова прашање. Иако Струга и Охрид имаат високо рангирани авто кампови сепак и останатите градови треба да се вклучат во овој вид на туризам. Туристи има, интересот кај нив се зголемува.

„Во моментов во автокампот АС, како што гледате имаме разни гости од западна Европа. Најмногу се Холанѓани но исто така не заостануваат и Французи и неколку Англичани. Овој тип на камперство со нивни приватни кампери оваа година е во пораст и мислам дека Македонија може да направи многу, баш за овој тип на кампери“, вели Крсте Блажески, заменик претседател на ХОТАМ.

Туристите од Франција и Холандија со кои разговараше екипата на Македонската телевизија беа воодушевени од природните убавини но и гостопримството на Македонците како домаќини.

„Видете, ние тргнуваме од дома и не се знае каде не води патот. Застануваме онаму каде мислиме дека е најдобро. Од друга страна пак, во нашата земја во туристичките каталози за кампинг туризмот може да се најдат само Скопје, Охрид и Струга...  Доста земји посетивме, бевме и во Србија, неколку дена бевме и во Скопје. Од Струга планираме да одиме во Албанија, Црна гора, Хрватска и назад. Во Македонија ме воодушеви Македонската традиционална храна но и гостопримството на народот кој секогаш е пријатно и пријателски расположен“, велат странските туристи- кампери.

Македонија ги има сите предиспозиции за камп туризмот кој е водечки тренд во светскиот туризам кој остана незасегнат од светската рецесија. Педесеттина камп возила затекнавме во авто кампот АС во Струга, а уште неколку нови веќе доаѓаа и чекаа влез во самиот камп.

Кампинг туризмот во Република Македонија зема се поголем замав. Како што може да видите тука, во авто кампот АС во Струга, се повеќе туристи, посебно од Европските земји доаѓаат да ги видат убавините на Струга, Охрид и Охридското езеро.


Јованчо Наумоски