Епидемија на голема кашлица

Комисијата бара да се евидентираат невакцинираните деца и да не се примаат во градинка

05.03.2024 16:23

За два месеца, над 120 случаи на голема кашлица. Комисијата за спречување заразни болести побара да се евидентираат невакцинираните деца и да не се примаат во градинка. За десетина дена ќе пристигнат вакцините за возрасни. Се предлага тестирање низ цела држава…

Засилени инспекциски контроли за да се детектираат сите невакцинирани деца кои одат во градинка – му препорача Комисијата за заразни болести на Државниот здравствен инспекторат. Доколку инспекторите најдат невакцинирано или нецелосно имунизирано дете, тоа од следниот ден не смее да посетува градинка. Комисијата донесе и препорака вакциналните пунктови да водат дигитална евиденција за поголема прегледност.

„Ако констатираат дека во градинката има невакцинирано или нецелосно вакцинирано дете со ди-те-пер вакцината, тогаш тоа од наредниот ден нема да има можност да ја посетува градинката, пред сè за заштита на нивното здравје, а потоа и на здравјето на останатите“, изјави д-р Злате Мехмедовиќ – портпарол на Комисијата за заштита од заразни болести.

Градинки веќе бараат потврди за вакцинација.

На 15-ти март во земјава ќе пристигнат првите вакцини против голема кашлица за возрасни. Со нив ќе можат да се имунизираат луѓето што имаат контакт со деца под две години, бидејќи тие се најранливи да заболат со голема кашлица со тешки последици.

Комисијата препорача да се воведе тестирање за голема кашлица на цела територија, а не само во Скопје. Лекарите апелираат да не се тестираат сите граѓани, туку само оние кои имаат потреба.

„Имал кашлица која не била постојана, а пациентот немал друга клиничка слика, па направил тестирање на Институтот и имал претусис. Возрасните луѓе не се ризична категорија за која треба да се грижиме. Ако го тестираме целото население ќе биде хаос и бројките ќе бидат и поголеми од предвидените“, вели д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.

Пред речиси еден месец во метрополата беше прогласена епидемија на голема кашлица. Статистиката секојдневно бележи новозаболени, од почетокот на годината регистрирани се над 120, најголем дел се од Скопје.

Андријана Ѓурческа