Израел

Нов обид за прекин на огнот во Газа

06.03.2024 09:02

Преговарачите во Каиро ги продолжија разговорите за уште еден ден во надеж дека ќе успеат да ги испеглаат разликите меѓу Хамас и Израел за конечно прифаќање на договорот за примирје во Појасот Газа ...

Преговарачите во Каиро ги продолжија разговорите за уште еден ден во надеж дека ќе успеат да ги испеглаат разликите меѓу Хамас и Израел за конечно прифаќање на договорот за примирје во Појасот Газа. Вашингтон тврди дека Израелците соработуваат и дека е на Хамас да донесе одлука за тоа – дали е подготвен да се вклучи во договорот.

„САД и Израел разговараа за напорите да се постигне договор за шестнеделен прекин на огнот. Како што рече Блинкен-имаме можност, но на Хамас е да одлучи дали е подготвен да се согласи со тоа“, изјави Метју Милер - портпарол на Стејт департментот.

Израел бара Хамас да достави список со заложници потврдувајќи дека се живи и дека можат да го исполнат договореното. Хамас, пак не отстапува од барањето за траен прекин на огнот.

„Безбедноста и заштитата на нашиот народ нема да се постигнат освен со траен прекин на огнот. Мислам дека е политичка фарса сад да го поддржи Израел да престане да убива неколку недели, а потоа да продолжи. Тоа потврдува дека не се стремат да постигнат стабилност во регионот“, изјави Осама Хамдан - претставник на Хамас.

Катар предупредува од ескалација на конфликтот.

„Ситуацијата е без преседан и станува многу загрижувачка за сите нас. Се надеваме дека денес ќе можеме подетално да разговараме за развојот и пошироката слика со надеж дека ќе постигнеме праведно решение и за палестинскиот народ да добие своја држава“, изјави Мохамед Бин Абдулрахман Ал тани - премиер на Катар.

Додека светот е во страв и исчекување од можните сценарија за време на рамазан, израелскиот премиер Нетанјаху уверува дека ќе обезбеди слобода на вероисповед на муслиманите за време на празнувањето.

„Политиката на Израел отсекогаш била и ќе биде да ја одржува слободата на богослужба за сите религии. Така ќе постапиме и за време на рамазан. Ќе сториме сè за да ја зачуваме слободата на богослужба на ридот на храмот, а притоа соодветно да ја одржиме безбедноста“, изјави Бенјамин Нетанјаху - премиер на Израел.

Во Појасот, ситуацијата станува очајна. Хуманитарната помош е повеќе од неопходна. СЗО алармира за катастрофата на северот каде што децата умираат од глад, а болниците се преполни. Помош се доставува од воздух во неможност да се пристапи безбедно на теренот.

 

Бојана Крстевски