Костадиновска-Стојчевска: Крива Паланка како Град на културата ја промовира автентичната македонска култура во регионот
Министерството за култура продолжува со поддршка на проектите преку кои културата се става во функција на општествен развој и нејзино промовирање на локално ниво ...

„Со 3 милиони денари ја поддржуваме Општина Крива Паланка, која ги става во функција сите свои инфраструктурни и човечки капацитети за реализација на манифестацијата Град на културата за 2024 година“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конференција по повод започнувањето на оваа манифестација.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека Министерството за култура продолжува со поддршка на проектите преку кои културата се става во функција на општествен развој и нејзино промовирање на локално ниво и додаде: „Преку финансиската поддршка на овие проекти, како и поддршката во рамките на Годишната програма, но и со средствата вложени преку Програмата за капитални дотации за општините, за што Крива Паланка доби 800 илјади денари за проектно-техничка документација за реконструкција и адаптација на зградата на НУ Центар за култура, се создаваат услови за системски и континуиран развој на културата во овој град, како и во регионот“.
Министерката за култура изрази уверување дека целата програма ќе му даде нов пулс на градот, а жителите, како и гостите, секојдневно ќе придонесуваат Крива Паланка оваа година да живее во поинаков ритам.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, рече дека е огромна честа што Крива Паланка е Град на културата за 2024 година, во чии рамки Општината, во соработка со Центарот за култура и со Градскиот музеј, креира програма преку која се негуваат традиционалните вредности, се промовира културно-историското богатство на Крива Палнака, се поддржуваат постојните и се иницираат нови манифестации.
Програмата за манифестацијата ја претстави директорот на Градскиот музеј, Драган Величковски, кој ги презентираше содржините од главната и од придружната програма, како и локалните институции од културата и капацитетите на Општината што ја реализираат манифестацијата. Заедно со Министерството за култура, креирана е програма со над 50 различни настани за сите генерации и сите уметнички вкусови.
Програмата започнува на 16 март со манифестацијата на маски и ритуално палење оган „Сусурига 2024“, по што на 23 март е концертот на Каролина Гочева, „Македонско девојче“, а следниот ден е традиционалната етнолошка манифестација „Невестинско поклонение“.
