Секое трето дете се соочува со пречки во говорот
Се одбележува Европскиот ден на логопедијата. Според податоците, секое трето дете се соочува со пречки во говорот. Науката, сè уште точно не утврдила кои се точните причини за недостигот. Раната дијагностика и третманот даваат најдобри резултати, категорични се логопедите…

Поголем дел од времето децата го минуваат пред телевизор, компјутер или телефон. Модерната технологија е неизбежна, но кај децата мора да се сведе на минимум. Недоволната комуникација предизвикува сериозен проблем во говорот на децата, а сè почесто имаме такви примери.
Секое трето дете има нарушен говор. Стручните лица вината ја посочуваат и кај родителите. За да имаат повеќе време за себе, на детето му даваат телефон.
„Треба да се прави баланс, родителите да поминуваат време со дечињата, да ги стимулираат да разговараат со нив, да читаат приказни, да драматизираат, особено во периодот кога се стекнуваат говорните вештини“, вели Симона Василевска-Николовска, логопед.
Логопедите апелираат, родителите кога ќе забележат проблем во говорот на детето, да не одложуваат, веднаш да побараат стручна помош.
„Работиме најчесто со дечиња кои имаат артикулативни потешкотии, тоа се оштетувања во изгловорот на гласовите с, з, ч, џ, ш, р, л. Тоа е најчест проблем. Потоа, доаѓаат дечиња кои имаат пелтечење и на крај, не толку неважни, се децата кои имаат задоцнување во развојот на говорот“, дополни Василевска-Николовска.
Кај некое детенце подобрување во говорот има за еден месец, кај друго со истиот проблем за 10 месеци. Логопедите велат, за да има напредок потребно е родителите и дома да ги продолжат вежбите.
Во детските градинки има логопеди, но кадарот не ги задоволува потребите. Го детектираат проблемот кај детето, работат со него, но бидејќи се малубројни честопати не се постигнува успех.
Андријана Ѓурческа
