Бугарија

Бугарското Народно собрание ја прифати оставката на владата на Денков

06.03.2024 14:47

Со апсолутно мнозинство од 216 пратеници, бугарското Собрание ја прифати оставката на премиерот Николај Денков. Според коалицискиот договор, на негово место доаѓа Марија Габриел. Кабинетот и премиерот претходно добија остри критики дека оставката била дадена и изгласана во рекордно време, при отсуство на лидерот на ГЕРБ Борисов и кандидатот за мандатар Габриел.

Бугарското Народно собрание ја прифати оставката на владата на Николај Денков, која беше на функција девет месеци и е во рамки на договорот меѓу двете најголеми пратенички групи во земјата ГЕРБ и „Продолжуваме со промената“. Сегашниот состав останува во функција до изборот на нова влада или до неуспехот на уставниот процес, распуштањето на актуелниот Парламент, назначувањето преодна влада и до нови парламентарни избори.

„И покрај дезинформации, саботажи, напади и провокации, ние сме подготвени да продолжиме со спроведувањето на поставените приоритети и програмата за управување, со Марија Габриел како премиер. Владата ќе продолжи да ги извршува своите обврски и да работи, како и досега, на важните приоритети за луѓето: зголемување на приходите, создавање одржлива деловна средина, зајакнување на безбедноста и нашата позиција во односите со странство“, изјави бугарскиот премиер, Николај Денков.

„Моќта не е крајна цел за нас. Моќта за нас е средство за промена. Додека не се случи таа промена, ние ќе бидеме тука и ќе продолжиме напред“, порача Кирил Петков, копретседавач на „Продолжуваме со промената“.

Откако беше изгласана оставката, пратениците на ГЕРБ забележаа дека истата била понудена и прифатена со голема брзина, во момент кога лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов и Марија Габриел, која се очекува да биде мандатар, се отсутни.

„Оваа избрзана акција на колегите од Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија да си поднесе оставка и да ја гласа сега покренува одредени сомнежи. Не е јасно која е целта на овие избрзани акции, дали да се искористи фактот што нашиот лидер е во странство, Марија Габриел исто така е отсутна. Со овој потег покажаа дека можеби не сакаат да преговараме. Наместо тоа, она што тие го сакаат е можеби да ја турнат земјата кон избори“, изјави Теменужка Петкова, пратеничка од пратеничката група на ГЕРБ.

Од прес-службата на претседателот информираа дека шефот на државата навремено ќе ја почне процедурата за консултации со пратеничките групи, пред да го врачи мандатот за формирање влада. Румен Радев мора прво да го додели мандатот на најголемата пратеничка група, која во случајов е ГЕРБ, која ќе има рок од седум дена да го реализира мандатот или да го врати.

 

Маријана Димовска