Град со големина на орев оштети 300 хектари со тутун во прилепско
Најпогодени се селата Браилово и Секирци, каде освен земјоделските култури поплавени биле и неколку куќи...

Големо невреме синоќа ја зафати Општина Долнени. Според првичните проценки уништени се над 300 хектари засадени претежно со тутун и пченица. Најпогодени се селата Браилово и Секирци, каде освен земјоделските култури поплавени биле и неколку куќи. Тука родот е уништен 100 процентно. Жителите денеска со солзи раскажуваа за катастрофата која ја доживеале.
„Јас имам 8 декари поплавено и целосно уништено сега немам ништо“, вели Владимир Цветаноски, жител на с. Браилово.
„Од 180 до 200 килограми тутун по декар, ние имавме 16 декари зналчи тоа се над 3.000 тони на туун, по 200 денари да поминеше значи ние имаме над 10.000 евра штета од тоа“, кажа Виолета Ѓорѓиевска, жител на с. Браилово.
„Овде се 16 декари уништени кај мене уште 4 декари, тоа се 20, и плус поплава имав дома“ рече Владо Јанески, жител на с. Браилово.
Од Здруженијата на тутунари бараат итна помош, затоа што велат дека ова е исклучиво тутунарски крај каде луѓето единствено егзистираат од оваа култура.
„Овде нема никој вработено, живеат само од земјоделство, тутунот е 80% уништен, житото 50%, за нив ова ќе биде тешка година“, вели Муса Ибраимоски, Здружение на тутунари „Златен лист“.
Постарите жители велат дека непаметат вакво невреме. Дождот и градот кој бил со големина на орев паѓале скоро час и половина, кога завршило невремето нивите биле покриени со слој на град од околу 10 сантиметри.
Од Општината најавија дека помош ќе побараат и од Владата.
„Комисијата за елементарни непогоди утре ќе излезе да ги процени штетите. А ќе побараме помош и од Министерството за земјоделство и Владата на Македонија“, истакна Боше Милошески, градоналник на Општина Долнени.
За жал никој од земјоделците го нема осигурано родот и покрај субвенциите на државата за тоа. Од Општината апелираат дека овие катастрофи се доказ дена осигурувањето веќе треба да биде навика на тутунарите.
Дарко Штаргоски
