Трговија

Нема индиции за договарање на цените

06.03.2024 20:04

Граѓаните се жалат на поскапувањата, Комисијата за заштита на конкуренцијата нема индиции дека цените се договараат. Власта најави проверки. Веќе се крои листата на продукти со маржа до 10 проценти.

Граѓаните ќе почекаат за пазарување по пониски цени. Законот за нефер трговски практики сè уште не е донесен, но Министерството за економија ја стокми листата од над 2.600 артикли кои ќе се продаваат со маржа до 10 насто, штом законското решение стапи во сила.

Месо, риба, млеко, сирења, конзервирана храна, зеленчук, овошје – списокот ќе се пегла со претставници од Стопанската комора и Организацијата за заштита на потрошувачите. Во меѓувреме, цените на рафтовите растат. Вицепремиерот Битиќи за претстојниов викенд најави обиколка на повеќе маркети за да провери дали има картелско здружување при формирање на цените, а доколку има најави претставка до Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Посочената комисија досега не утврдила нерегуларности и законски отстапувања во однос на забрането договарање меѓу трговците за цени на производи. Оттаму велат дека немаат индиции за вакви злоупотреби, а за да утврдат евентуално договарање мора да имаат цврсти докази дека такво нешто постои.

Известува Анита Димитријевска-Велковска