Туризам

Се откажуваат аранжманите, патниците без пасоши

07.03.2024 10:53

Проблемите со патните исправи продолжуваат. Граѓаните ги откажуваат осмомартовските аранжмани, бидејќи не ги добиле новите пасоши. Туристичките работници состојбата ја споредуваат со годината на ковид пандемијата. Велат трпиме сериозни финансиски загуби. Се откажуваат дури и летните аранжмани.

Туристичките агенции погодени од проблемите со патните исправи. Граѓаните ги откажуваат осмомартовските патувања, но се двоумат и за летната сезона, бидејќи сè уште им се изработуваат документите. Дел од патниците ги откажале резервациите за патувањата во земјите членки на ЕУ, и презакажале за државите во соседството. Туристичките работници велат се наоѓаме во незавидна состојба, со сериозни финансиски загуби.

„Луѓето се имаат сликано за пасоши во декември, јануари еве го март не можат да ги добијат пасошите. Имаме сериозен број на откази за хотели кои ги имаме платено, реализирано како патувања. Како патници што сакале да патуваат, а единствена пречка да не патуваат се личните документи“, истакна Драган Трајковски, туристички работник.

Од агенциите посочуваат дека особено стравуваат што ќе се случи доколку проблемот не се надмине до летната сезона. Веќе се откажуваат и летните аранжмани, кои се закажани уште од ноември.

„Ниту се криви патниците, ниту агенциите, ниту нашиве партнери во која и да е земја, единствено што имаме некоја одишка е дека благодарение на добрата волја на Србија, БиХ и Црна Гора каде што важат сè уште старите документи па нашите луѓе ги менуваат патувањата“, дополни Трајковски.

Тие се надеваат дека институциите што поскоро ќе го решат проблемот.

Состојбата со откажувањето на аранжманите поради немање на нови патни исправи, со новото уставно име, според туристичките работници е налик на пандемската година.

Туристичките работници се загрижени бидејќи над 70 отсто од граѓаните летните одмори ги поминуваат во соседна Грција, каде што не може да се влезе со стари патни исправи.

 

Елена Георгиевска