Кривичен суд

Година и осум месеци затвор за сопственикот на „Беса транс“

07.03.2024 13:14

Година и осум месеци затвор за Беким Хаџиу, сопственикот на „Беса транс“. Фирмата доби казна од 800 илјади денари и забрана за работа од четири години. Виновни се за кривично дело фалсификување исправа, пресуди Кривичниот суд...

Со фалц извод од лиценца на пат за Турција. Управителот на „Беса транс“, Беким Хаџиу, преку возачите на Деве Баир прикажувал документ дека може да врши меѓународен транспорт на патници, а всушност немал извод издаден од Министерството за транспорт. Едно од тие дваесетина патувања беа кобни за автобусот, со кој загинаа 45 луѓе во соседна Бугарија. Кривичниот суд го осуди Хаџиу на година и осум месеци затвор, а неговата фирма, освен што доби забрана четири години да превезува патници преку граница, треба да плати и 800 илјади денари глоба.

Одбраната најави жалба до повисокиот суд. Тврди дека делото не е сторено, бидејќи фалсификувана, односно лажна исправа не постои.

Обвинителот тврди дека од „Беса транс“ воопшто не побарале од Министерството за транспорт да им се издаде лиценца.

Предмет на обвинение, во процесот кој доби првостепен епилог, е дали фирмата „Беса транс“ ги имала потребните дозволи и документи за да врши меѓународен транспорт на патници. Постапката за утврдување одговорност за трагичната несреќа ја водат надлежните институции во Бугарија.

 

Анита Димитријевска-Велковска