96. Оскари в недела на МТВ

07.03.2024 14:53

Доаѓањето на ѕвездите на Црвениот тепих ќе започне во 23.30, а на полноќ започнува 96-та Оскаровска церемонија и ќе трае до 3.30 наутро...

В недела, 10 март од 23.30 ексклузивно на Македонската Телевизија  ќе се емитува преносот од 96-тото доделување на Оскарите, престижната филмска награда на Академијата за филмски уметности и науки.

Водител на шоуто во театарот Долби во Холивуд ќе биде Џими Кимел.

Доаѓањето на ѕвездите на Црвениот тепих ќе започне во 23.30, а на полноќ започнува 96-та Оскаровска церемонија и ќе трае до 3.30 наутро.

Филмот на Кристофер Нолан, „Опенхајмер“ води со 13 номинации, а „Кутри суштества“ на Јоргос Лантимос има 11 номинации.  Филмот  „Убиства на цветната месечина“ доби 10 номинации, а „Барби“ има 8 номинации.

Во категоријата за најдобар филм оваа номинирани се: „Американска фикција“,„Анатомија на падот“,  „Барби“, „Останатите“,  „Убијци на цветната месечина“, „Маестро“, „Опенхајмер“, „Минати животи“, „Кутри суштества“ и „Зона на интерес“.

Бредли Купер, Колман Доминго, Пол Џиамати, Килијан Марфи и Џефри Рајт се номинирани за најдобар актер, а за најдобра актерка номинирани се Анет Бенинг, Лили Гледстон, Сандра Хулер, Кери Малиган и Ема Стоун.

Како презентери ќе се појават Џејми Ли Кертис, Брендан Фрејзер, Џесика Ланг, Метју Мекконахи, Ал Пачино, Мишел Фајфер, Мишел Јео, Џенифер Лоренс, Зендаја и многу други ѕвезди.

Били Ајлиш, Рајан Гослинг и Беки Џи се меѓу изведувачите на номинираните филмски песни кои ќе бидат изведени на Оскаровската сцена.

Коментатор на преносот е Миланка Рашиќ.

Во вторник, 12 март од 21 ч. ќе се емитува скратена двочасовна снимка на Првиот канал на МТВ.