Европа зафатена од масовни протести
Серија протести низ Европа во изминативе два месеца пред јунските европски избори. Чешките фармери со механизацијата во главниот град одново побараа и ЕУ да се откаже од Зелениот договор. Од Париз, до Берлин, Рим, Брисел, протести и на земјоделците во Варшава. Во Германија машиновозачите, персоналот за безбедност на аеродромите и персоналот на „Луфтханза“ бараат подобри услови за работа и повисоки плати...

Стариот континент зафатен од серија протести во изминативе два месеца пред јунските европски избори. Брисел се соочува со сè повисоката стапка на инфлација, ЕУ регулативите, колективните договори, незадоволство од платите, увозот на евтиното украинско земјоделство. Чешките фармери со механизацијата во главниот град одново побараа и ЕУ да се откаже од Зелениот договор кој влијае врз европскиот извоз.
„Ситуацијата во земјоделството е веќе неподнослива со пристапот на ЕУ, бирократските мерки кои постојано го поскапуваат производството, во споредба со земјоделците кои постојано увезуваат – на пример, Украина. Трошоците не се соодветни“, рече земјоделец од Чешка.
Од Париз, до Берлин, Рим, Брисел, протести и на земјоделците во Варшава. Уапсени се демонстранти и повредени полицајци откако вчера полицијата интервенираше со солзавец и шок бомби. Властите реагираат дека протестите се исполитизирани откако се појави транспарент со кој се повикува рускиот претседател Путин конечно да го врати редот во Украина, Брисел и полската Влада.
„Главно апсењата се поради повреди на полицајците. Се обидовме да го минимизираме агресивното однесувања во близина на парламентот и Канцеларијата на премиерот да не ескалира и да не се прошири на други делови од градот“ изјави Роберт Сумиата, полициски оддел во Варшава.
Најновото во серијата штрајкови во Германија го парализираше железничкиот и воздушниот сообраќај по вторпат во една недела.
„Морам да се вратам во Италија и се надевам дека единствениот воз што постои може да ме врати во Италија. Но, секогаш е катастрофа затоа што секогаш има такви штрајкови во Берлин во овој период“, рече жител на Италија.
„Тоа што штрајкуваат е во ред. Но, не може вака, прво да го потврдат летот, а потоа да ни кажат не може да стигнете до влезот“, рече патник од Франкфурт.
Во Германија машиновозачите, персоналот за безбедност на аеродромите и персоналот на „Луфтханза“ бараат подобри услови за работа и повисоки плати. Пропаднаа преговорите на синдикатите за колективните договори, а машиновозачите не успеаја да издејствуваат 35-часовна работна недела.
Маријана Димовска
