Велес

Штрајк на вработени во ЈП Национални шуми, бараат исплата на јануарската плата

07.03.2024 15:53

Иако има пари за 450 нови вработувања и пари за набавка на нови службени возила, од синдикатот реагираа дека нема пари за плати за вработените, околу две илјади лица немаат земено плата за јануари. Вработените од ЈП Национални шуми започнаа штрајк, кој се одвива на работните места...

Околу две илјади вработени во ЈП Национални шуми од денес стапија во штрајк. Причина е неисплатената јануарска плата, но и неплатеното социјално и здравствено осигурување. И покрај проблемите во финансиското работење на ова јавно претпријатие, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, кажа дека неодамна бил распишан тендер за набавка на службени возила, а биле примени и нови 450 вработени.

Со синдикалното барање на вработените, освен што бараат исплата на јануарската, но и февруарската плата, се бара исплатата на теренските додатоци, исплатата на платите да биде редовна и навремена. Штрајкот се одвива на работните места.

Просечната плата во ЈП Национални шуми била 25 илјади денари, која ја примале 80 отсто од вработените, без оглед на стручноста и стажот.

 

Петар Печков