Македонија

Судска постапка за убиството на 14-годишното момче во Прилеп

07.03.2024 16:14

Случајот со убиството на 14-годишното момче во Прилеп стигна во судските лавиринти. Денес почна подготвителната постапка пред судијата за деца. Јавноста беше потресена од убиството на момчето за кое е осомничено негов врсник точно пред една недела…

Случајот со убиството на 14-годишното момче што пред една недела се случи во центарот на Прилеп, а го уби малолетник, влезе во судските лавиринти. Почна подготвителната постапка пред судија за деца при прилепскиот основен суд.

Пред судијата за деца исказ дадоа таткото на убиеното момче и сведок во случајот, а утре на суд ќе се најде малолетникот кој го изврши убиството. Обвинителството побара психијатриско вештачење на 15-годишникот со иницијали Х.М. кој го стори свирепото убиство. Според неговиот бранител не станува збор за убиство со премисла, туку за чин во состојба на афект или силна раздразнетост.

Доказниот материјал ќе се врати во Обвинителството кое треба да го оформи обвинението.

Трагичниот настан се случи на 29-ти февруари околу 19 часот. Во влезот на прилепската деветокатница момчето било физички нападнато и избодено. Успеало да побегне на булеварот, но паднало безживотно.

Малолетникот кој го изврши убиството е во притвор. Според законот може да добие алтернативна казна-мерка во институции до пет години.

Елизабета Митреска