Европската народна партија со поддршка за Фон дер Лајен за втор мандат
За уште пет години на една од највисоките функции во ЕУ ќе се одлучува на европските избори во јуни. Фон дер Лајен како клучни предизвици за ЕУ ги наведе војните во Украина и во Газа, како и односите со Кина.

Европската народна партија на конгресот во Букурешт ја поддржа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за втор мандат.
За уште пет години на една од највисоките функции во ЕУ ќе се одлучува на европските избори во јуни. Фон дер Лајен како клучни предизвици за ЕУ ги наведе војните во Украина и во Газа, како и односите со Кина.
„Руската агресија се обиде да ја избрише Украина од лицето на Земјата. Војната сега е во трета година и е повкоренета и поинтензивна од кога било. Ја гледаме моќта и опасностите од растечката и вознемирувачка лига на диктатори, војната во Газа и дестабилизацијата на Блискиот Исток. Гледаме во Кина и другите, агресивна економска конкуренција … Нашата мирна и обединета Европа е оспорена како никогаш досега од популисти, од националисти, од демагози. Сакаат да ги погазат нашите вредности и да ни ја уништат Европа. Сигналот на Букурешт денес е дека ЕПП се залага за Европа. Силна и безбедна, мирна и просперитетна, демократска и обединета“, нагласи Фон дер Лајен.
За време на партискиот собир вети подобрување на европската економија, сузбивање на илегалната миграција, зајакнување на конкурентноста и поддршка за земјоделците.
