АКВАКУЛТУРА

Аквакултура – нови пари за рибниците

08.03.2024 09:04

Со програмата за рибарство и годинава ќе се субвенционира производството на риба и инвестициите во порибувањето на езерата и реките. Финансиската поддршка за рибниците во 2024-та година ќе биде 3,7 милиони денари...

За инвестиции во аквакултурата годинава се предвидени средства во вкупен износ од 3,7 милиони денари.

Со овие пари може да се градат нови капацитети за аквакултура, како и проширување, реконструкција, адаптација и модернизација на постојните капацитети за мрестилиште. Субвенциите можат да се користат и за набавка на таканаречени кафези за одгледување на риба, набавка на опрема за хранење или набавка на опрема за транспорт на свежа риба.

Вкупната вредност на исплатени финансиски средства за инвестиции во аквакултурата не може да го надмине износот од 720.000 денари.

Средствата се исплаќаат по принцип на ко-финансирање на 50 проценти од реализираните вложувања кои можат да се зголемат до 55 отсто доколку се работи за млади земјоделци или жени и до 60 односно 65 проценти за стопанства кои се наоѓаат во ридско-планинските подрачја и доколку носител на овие стопанства со рибник е младо лице.

Парите ќе се добиваат врз основа на одобрени барања од платежната Агенцијата, авансно до 40 проценти од вкупната вредност на дозволениот износ.

Аквакултурата претставува одгледување, репродукција и исхрана на риби во рибници, полурибници, кафези, оризишта и други одгледувалишта на риба.

 

Методија Трајков