Вашингтон

Годишно обраќање на Бајден за состојбата на нацијата

08.03.2024 10:00

Синоќа во Конгресот годишно обраќање на американскиот претседател Бајден. Во фокусот Израел и имиграцијата. За војната меѓу Израел и Хамас во Газа, Бајден рече дека неговата администрација интензивно работи на воспоставување итен прекин на огнот што ќе трае најмалку шест недели...

Претседателот Џо Бајден проектираше оптимизам во неговото трето обраќање пред Конгресот и пред целата нација. Ги убедуваше Американците дека е вистинскиот човек за работата повикувајќи се на искуството и мудроста наспроти неговиот претходник и сегашен веројатен ривал за функцијата. Бајден го критикуваше поранешниот претседател Доналд Трамп речиси од самиот почеток на говорот. Зборуваше повеќе од еден час и опфати многу прашања кои го засегаат просечниот граѓанин. Ова беше еден од неговите подобри настапи, што сепак остави половина од Конгресот рамнодушен, како што всушност се очекуваше.

Во првите минути од своето обраќање во Конгресот, претседателот Џо Бајден рече дека демократијата и слободата дома и во странство се на удар. Тој повика на деблокирање на помошта за Украина, за да се запре Путин кој рече – се е хаос низ Европа и пошироко.

„Ако некој во оваа просторија мисли дека Путин ќе застане во Украина, ве уверувам, нема“, рече Бајден.

Во последните 50 години невработеноста во државата е на најниско ниво, рече тој, но истовремено предложи зголемување на даноците за милијардерите. Пари за кои на многу начини се заложи да бидат вратени кај оние со помали примања.

За војната меѓу Израел и Хамас во Газа, Бајден рече дека неговата администрација интензивно работи на воспоставување итен прекин на огнот што ќе трае најмалку шест недели.

„Заштитата и спасувањето невини животи мора да биде приоритет. Додека гледаме кон иднината, единственото вистинско решение е решението за постоење на две држави“, подвлече Бајден.

Одговорот на обраќањето на претседателот Бајден од републиканската партија го донесе најмладата сенаторка од Алабама, Кејти Брит која го обвини претседателот Бајден дека ја создал кризата со имигрантите поради суспендирањето на сите депортации, но и запирањето на изградбата на граничен ѕид долж границата со Мексико.

Од утре претседателот заминува низ државата да ги промовира идеите за подобрување на живото на Американците што ги начна во годишното обраќање пред Конгресот. Малкумина веруваат дека она што го кажа ќе промени нечие мислење. Анкетите покажуваат дека најголем дел од Американците се определени за кого ќе гласаат на ноемвриските избори. Борбата се чини е за малцинството неопределени, што за волја на вистината, може да биде одлучувачко.

 

Од Гласот на Америка на македонски, известува Мартин Николовски