ЕУ тестира поморски пат за да испорача помош за Газа
Првиот брод од Кипар кон енклавата ќе ја тестира рутата во рамки на иницијативата „Амалтеа“. ООН претходно предупредија, испораката по воздушен или морски пат не може да ја замени копнената рута. Преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа во овој момент се во ќорсокак...

ЕУ тестира морски коридор за да испорача помош за Газа. Првиот брод од Кипар кон енклавата ќе ја тестира рутата во рамки на иницијативата „Амалтеа“. Претходно и Вашингтон најави изградба на привремено морско пристаниште во Газа што ќе го олесни пристапот на цивилите до помош.
„Клучниот предизвик е да стигне помош до луѓето на терен. Знаеме со какви потешкотии се соочуваат копнените граници во Газа. И покрај сите предизвици ова е навистина инспиративно, сега сме многу блиску до отворањето на коридорот“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
ООН претходно предупредија, испораката по воздушен или морски пат не може да ја замени копнената рута. Од Тел Авив со став, важно е помошта да не заврши во рацете на Хамас. Пакети со помош веќе беа пуштени од воздух во енклавата.
„Израел ја контролира целата помош. Стануваме подобри во дистрибуцијата, но Хамас и натаму се обидува да ја украде помошта. Категорично ќе ви кажам дека не постојат ограничувања за износот на помошта што може да оди во Газа“, изјави Ави Химан, портпарол на Владата на Израел.
Во тек се подготовките за светиот месец Рамазан кој годинава е поразличен за Палестинците. Борбите, најверојатно, во голема мера ќе ја засенат прославата и на Западниот Брег, каде што е забележан пораст на насилството по избувнувањето на војната на 7-ми октомври.
„Како што гледате, ситуацијата е мизерна. Работниците и вработените немаат земено плата“, рече месар.
„Секоја година има радост за Рамазан, но оваа година е чудно бидејќи има војна. Нема куповна моќ, цените на стоките се високи“, рече трговец со зеленчук.
„Никој нема желба да се подготвува или да го прослави месецот Рамазан, бидејќи оние што се убиени во Газа се наши луѓе“, вели жител на Рамала.
Преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа во овој момент се во ќорсокак. Се очекува да продолжат идната недела, и покрај најавите дека ќе стапи примирје до почетокот на светиот месец.
Маријана Димоска
