Инфлацијата под контрола, но цените за граѓаните остануваат високи
Инфлацијата се стабилизира. Но, граѓаните се жалат дека цените и натаму се високи. Додека се чека Собранието да го донесе законот, властите викендов тргнуваат во проверка...

Месото, млечните производи, овошјето и зеленчукот, пијалаците, но и луксузната храна се најдоа на листата кои ќе се продаваат со маржа до 10%, но тоа за граѓаните не значи ништо, оти како што велат, цените заминале до небо. Бранот поскапувања следи откако заврши мерката „гарантирана цена“, а дел до производите добија нови, повисоки цени.
Листата со над 2.500 производи поделени во 53 категории, Министерството за економија ќе ја достави до Коморите и до Организацијата на потрошувачи. Таа ќе биде трансформирана во правилник, па откако ќе се донесе Законот за нефер трговски практики, се очекува да се стави крај на манипулациите со цените, велат надлежните.
И додека надлежните смируваат и граѓаните реагираат, трговците пак велат дека цените не биле толку високи. Работеле со малку ќар, за да ги задржеле муштериите.
„Па да бидам искрен не е толку скапо. Работиме со минимална добивка“, вели трговец на пазар.
Вицепремиерот за економски прашања Битиќи викендов ќе биде инспектор и излегува во контрола. Ако забележи дека трговците си тераат по свое и од ракав ставаат цени, ќе поднесе нова претставка до Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Цените растат, граѓаните се потешко живеат се жалат тие, и бараат од надлежните да реагираат околу поскапувањата.
Инаку, инфлацијата за февруари изнесува 3% во однос на истиот месец лани, додека цените на мало пораснале за 2,7%. За една година најголемо поскапување има кај овошјето и зеленчукот од околу 20%.
Борис Грујоски
