Мундијалот во Бразил носи профит

16.06.2014 11:05

Сите имаат профит од мундијалот во Бразил. Рекламните агенции тријат дланки, но во игра се и социјалните мрежи. Непостоечкиот пенал за Бразил доживеа кулминација во Хрватска и во светот, а за овој меч се објавени дури 58 милиони постови...

На социјалната мрежа Фејсбук за време на натпреварот Бразил-Хрватска објавени се 58 милиони постови или пет пати повеќе отколку за време на овогодинешното доделување на филмиските  награди Оскар. Фејсбук соопшти дека поголемиот број на напишаните коментари биле поврзани со првиот гол на Бразил со кој Нејмар го изедначи резултатот 1:1, како и за неговиот втор гол постигнат од сомнително пресудениот пенал.

Најактивна земја во текот на првиот меч била Бразил, веднаш по неа САД и Англија, а најактивни корисници на социјалните мрежи биле момчиња на возраст меѓу 18-24 години.

И додека се пишуваат коментари и се типуваат победници, најпосакуваното нешто во Бразил е земјата да ја понесе победничката титула. Поранешниот бразилски капитен,   Кафу со 2 светски трофеја е оптимист.

„Сонуваме дека ќе победиме, се надеваме и веруваме дека ќе победиме, но ништо не е сигурно... Тешко е да се предвиди... Но, верувам дека ова ќе биде многу напнат светски куп со многу повеќе голови од првенството во Јужна Африка“, вели поранешниот бразилски капитен Кафу.  

По 64 години Бразил е домаќин на светското првенство, што дополнително го зголемува притисокот за победа. Нејмар е идол за играч низ целиот свет и неговите фанови се потпираат на него.

„Му покажав на Неимар неколку потези во фристајл. Забавно е да учиш еден од најдобрите фудбалери во светот. Внимателно ќе го гледам. Ако направи некој трик, ќе се гордеам што сум бил дел од првенството“, изјави Ендру Хендерсон, светски шампион во „фристајл“ фудбал.

Домаќините веруваат дека нема да ги разочараат фудбалските фанови кои очекуваат брзо темпо, многу голови и зголемен жар во играта- што е типично за бразилскиот стил. Велат, земјата на самбата со забрзано темпо ќе ги инспирира другите да ги покажат своите напаѓачки вештини и својата желба за победа, давајќи им возбуда и авантуристичка акција на светот кој ужива во првенството.

 

Бојана Крстевски