Голема кашлица

Без вакцина нема во градинка

08.03.2024 15:05

Од понеделник во градинка нема да се примаат невакцинирани деца со Ди-Те-Пер. Инспекторатот ја прими одлуката на Министерството за здравство. Иднава недела почнуваат контролите.

Од понеделник, невакцинирани или нецелосно имунизирани деца против голема кашлица нема да се примаат во скопските градинки . Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја доби одлуката од Министерството за здравство за да врши засилен инспекциски надзор во предучилишните установи. Конкретни мерки ќе се преземат еден месец по прогласување на епидемија во главниот град и препораките на Комисијата за заштита од заразни болести .

„Ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со Ди Те Пер. Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје“, пишува во соопштението на ДСЗИ.

Бројот на заболени секојдневно бележи пораст – седум нови случаи со голема кашлица регистрира Центарот за јавно здравје во главниот град за едно деноноќие.

Имунитетната празнина во колективниот имунитет е добра подлога болеста да продолжи да се шири – децидни се епидемиолозите.

„Колку побрзо се заврши процесот на вакцинација, односно ревакцинација на децата, толку побрзо ќе се здобијат со колку – толку некаков имунитет. Примовакцинираните ќе добијат некаков имунитет против болеста, тие кои се ревакцинирани ќе го зајакнат претходниот имунитет од примовакцинацијата и со тоа некако би се ублажил ударот кој следи“, изјави д-р Сашо Олумчев – епидемиолог.

На 15 -ти март се очекува да пристигнат и првите вакцини против голема кашлица за возрасни.

Големата кашлица кај возрасните не предизвикува компликации, но тие се преносители на болеста кај малите деца – затоа лекарите препорачуваат да се имунизираат луѓето што имаат контакт со деца под две години, бидејќи тие се најранливи да заболат со голема кашлица со тешки последици.

 

 

Андријана Ѓурчевска