До полноќ трае собирањето потписи за кандидатите за претседател, се кројат пратеничките листи
Уште неколку часа за собирање потписи за претседателски кандидатури. Рокот истекува на полноќ. Веќе е јасно дека само седум од вкупно 15 претенденти ќе одат понатаму. На гласачкото ливче ќе стојат имињата на Стево Пендаровски, Гордана Силјановска-Давкова, Бујар Османи, Арбен Таравари, Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски и Билјана Ванковска. Другите, кои собираа потписи се далеку од потребните 10.000. Ако за претседателските избори се е јасно, многу непознаници има за парламентарните избори. Партиите ги кријат листите како змија нозете…

По завршувањето на рокот за собирање на потребните потписи за кандидатурата, Државната изборна комисија ќе прави проверка на кандидатурите што треба да се достават до 19-ти март.
Партиите тактизираат со листите за пратеници. Се очекува да се достават пред истекот на крајниот рок на 2-ри април. Лидерот на СДСМ потврди дека ќе се трка против претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 1. Носители на листите на своите партии во ИЕ 1 најверојатно ќе бидат и Талат Џафери, Изет Меџити, Димитар Апасиев и Данела Арсовска.
Во ИЕ 2 се очекува носители од СДСМ да бидат Сања Лукаревска или Фатмир Битиќи, а од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски. Во тројката, СДСМ би трчала со Љупчо Николовски или Оливер Спасовски, а од ВМРО-ДПМНЕ се споменува името на Драган Ковачки. Во четворката се споменуваат имињата на Филипче и Тренчевска од СДСМ, и потпретседателот Николоски од ВМРО-ДПМНЕ. Во шестката се очекува соочување на Славјанка Петровска од СДСМ и Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ. Се прават пресметки за петката.
Во албанскиот кампус, сè уште се чека дали ДУИ ќе формира коалиција за да ѝ се спротивстави на коалицијата „Вреди“. Познато е дека лидерите од албанската опозиција ќе бидат носители на листи.
Ирина Гелевска
