Осмомартовски марш

Црвени линии за женските права

08.03.2024 18:37

Еднаквост, рамноправност и запирање на родово базираното насилство – црвени линии за женските права. Македонските жени со Осмомартовски марш и пораки за еднакви можности за сите…

Со марш и пораки за еднакви можности за сите, македонските жени се приклучија кон глобалното одбележување на денот на жената, 8 Март.

Жената во македонското општество денеска сè посамоуверено и поцврсто чекори по долгиот и макотрпен пат кон целосна родова еднаквост, а жените во главниот град денеска маршираа под слоганот – За женските права не треба да се преговара.

Потребно е уште многу работа и борба, како и уривање на стереотипите и табуата, беше порачано од маршот за женски права. Учесничките, со симболични црвени ленти на облеката, зборуваа за тоа кои се црвените линии за женските права од кои не смее да се отстапи, како еднаквост, рамноправност и запирање на родово базираното насилство.

Ова е осми Осмомартовски марш за женски права во организација на Платформата за родова еднаквост, кој почна од плоштадот пред споменикот на Скендер бег, а заврши во паркот „Жена борец“.

Марија Котовска