По Лондон и Сиетл, и Вашингтон доби панорамско тркало

16.06.2014 11:20

Следејќи ги примерите од Лондон и Сиетл, и главниот град на Соединетите американски држави доби тркало, наречено Капитол. Најновата атракција во близината на реката Потомак и националното пристаниште треба да ги анимира туристите и да придонесе за во градскиот буџет на Вашингтон...

Главниот американски град има нов симбол, 55-метарското Тркало Капитол со 42 климатизирани гондоли што нудат прекрасен поглед на Вашингтон, Александрија и Националното пристаниште. Металната конструкција е произведена во американската сојузна држава Канзас, а гондолите се од Швајцарија. Секоја гондола има место за 8 патници. Уште од првиот ден на отворањето, посетителите се воодушевени од 15-минутното возење со тркалото и погледот на Споменикот Вашингтон и Конгресот.

„На почетокот беше страшно, но по две три вртења и кога престана да се движи беше подобро. Но има прекрасен поглед и навистина е убаво.“

„Гледајќи ги реакциите на сопругата, ми беше забавно. Прекрасно беше, навистина убав поглед на градот и околината“, велат посетителите.

Капитол тркалото има и ВИП гондола што може да се изнајмува за приватни свечености како свадби. Компанијата сопственик на тркалото смета дека оваа нова атракција ќе придонесе за развивање на овој дел од Мериленд.

„Тркалото Капитол, кое штотуку го отворивме, служи  за набљудување. 42-те гондоли се издигаат околу 60 метри над реката Потомак со прекрасен поглед на Вашингтон и регионот во околината“, изјави Крис Мордо од компанијата Волфганг Пек Кетеринг.

Капитол тркалото се издига над Националното приштаниште, што е едно од историските места во околината на Вашингтон. Се протега во близина на реката Потомак јужно од мостот Вилсон Вудроу во областа Принц Џорџ во Мериленд. Околу пристаништето има хотели, продавници, ресторани и водено такси со бродови по реката Потомак до Александрија во Вирџинија или Националниот Мол во Вашингтон. 

Тркалото Капитол е отворено за посетители 365 денови во годината.


Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ