Поскапувањето на водата во струшко, удар врз граѓаните и бизнис секторот
Мартовските сметки за вода ги револтираа стружани и бизнис заедницата. За домаќинствата водата е поскапена за 35%, додека за фирмите дури 57%. Новата цена на водата, велат е силен удар врз граѓаните, индустријата, занаетчиството и хотелско угостителскиот сектор...

Мартовските сметки за вода во струшко се речиси двојно повисоки. За домаќинствата водата е поскапена за 35%, додека за фирмите дури 57%. Големо поскапување има и на цената за одведување на фекални води, за домаќинствата зголемување од 80%, а за фирмите 90%. Поскапувањето се должи на зголемените трошоци на јавното претпријатие, скапата струја, но и зголемувањето на платите на вработените.
Стружани револтирани, цените растат, а водоснабдувањето не е подобрено.
„Вода да се давиш имаме, а најскапа вода во Струга, тоа е проблемот. Не знаат како да крадат само измислуваат како да најдат начин да го украдат народот“, вели еден стружанец.
„Ние имаме овде вода за цела Македонија Ќе си трошиме помалку тоа е“. Вели друг стружанец.
„Поскапувањето на било што не е убаво вклучувајќи ја и водата мислам дека и пред ова поскапување водата во Струга била поскапа од другите места“, вели трет стружанец.
Новата цена на водата е силен удар и врз индустријата, занаетчиството и хотелско угостителскиот сектор. Од бизнис секторот велат треба да се преиспита одлуката.
„Самото тоа поскапување носи нешто сосема друго, такви нагли огромни поскапувања треба да се прават анализи и тоа поскапување да биде соодветно. Ако сакаме тие хотели и угостителските објекти да егзистираат на обалата и да даваат подобри услуги ќе мора и тоа да биде регулирано. Секако треба во иднина да се штеди на вода но ние не сме дестинација која има недостиг, ние имаме вода во изобилство“, вели Крсте Блажески од хотелската асоцијација ХОТАМ.
Од ЈП Водовод кое се дави од долгови, велат цената на водата ја одредува Регулаторната комисија врз основа на податоците и трошоците што ги доставила локалната власт.
Соња Рилковска
